play_arrow

keyboard_arrow_right

Listeners:

Top listeners:

skip_previous skip_next
00:00 00:00
playlist_play chevron_left
  • cover play_arrow

    Radio Skver 106.7 FM Radio Skver 106.7 FM

Артисти и групи

Александар Сарчевиќ: Со „Деца из воде“ ја исправам неправдата нанесена врз ЕКВ!

todayјуни 10, 2025

Background

На 13 и 14 јуни сите рок патишта ќе водат кон спортскиот аеродром Аџитепе на бесплатниот „Беарс рок мото фест 2025 година“, каде меѓу групите ќе имаме привилегија да ги слушаме и „Деца из воде“ (14 јуни), кои ќе настапат во придружба на Срѓан Жика Тодоровиќ, оригиналниот член на ЕКВ.

Александар Сарчевиќ е основач на истоименото Здружение и на оваа музичка атракција, која повеќе од една деценија е добредојдена на сите сцени на Балканот. Позборуваме за овој трибјут бенд, а од она што на Александар му е познато дека ЕКВ своевремено направиле незаборавен концерт во Куманово. Па кој има детали, нека повели да ни раскаже повеќе…

Прв пат ќе бидете на „Беарс мото фест за само неколку денови. Се подготвувате?

– Се подготвуваме, секако (се смее). Пробаме, вежбаме и така… за што подобро да отсвириме. Имаме програма од два и половина, три часа и зависно од потребите на фестивалот ќе видиме колку ќе свириме. Што се однесува до сет листата тоа се најголемите хитови, најголемите песни на ЕКВ од сите албуми, а Жика свири една третина и малку и повеќе, песните кои тој ги снимил со ЕКВ, два албума „Љубав“ и „Пар година за нас“. Тој бил на тие два албуми на ЕКВ, тоа е од 1987 до 90- ти, тој период кога ЕКВ беа најпопуларни и кадешто се песните „Љубав“, „Земља“, „Пар година за нас“, „Срце“…

Најголемите хитови кои ги знаат сите генерации. Со која тема ќе тргнете?

– Па тоа сѐ уште не го знаеме. Многу често тргнуваме со песната „Вода“ од албумот „Љубав“, бидејќи сме ние „Деца из воде“. Некогаш тргнуваме со „Као да ја било некад“, малку онака симболично. Ќе видиме.

Да. „Вода. Веќе знаеме дека е формиран во чест на ЕКВ. Зошто баш точно го одбравте тој назив?

– Па, има повеќе причини зошто. Всушност „Деца из воде“ не се бенд, туку се група фанови на ЕКВ, момчиња и девојки и секој кој нешто прави тука е „дете из воде“ или сите заедно сме „Деца из воде“. Тоа е симболичен назив, релативно брзо дојдовме во тој назив, всушност јас го смислив. Во некои свои размислувања, како да го насловам тој проект, името само се создаде веднаш на првата вечер „Сеќавања на Милан“ во 2012 година кога поканив музичари кои сакаат да свират нешто од ЕКВ. Милан Младеновиќ многу често добивал прашање како „дечак из воде“, поради дел од текстот од песната „Очи боје меда“ …и тоа остана онака впечатливо и врзано за него. И потоа ние почитувачите на неговото дело го зедовме тоа како назив.

Бевте некогаш на свирка или на концерт на ЕКВ?

– Бев, не знам колку пати. Јас сум роден 1967 годиште, се занимавав и со рок новинарство, работев и на радио и бев и диџеј. И од кога се појави ЕКВ и „Катaрина II“ и „Шарло акробата“ следев буквално сѐ како што се појавуваше. Тие беа тој нов бран, нов бенд и јас тоа го следев од сам почеток и им одев на концерти, барем десет пати, можеби и повеќе.

Имавте директен контакт, се запознавте, зборувавте, дискутиравте?

– Јас лично ја немав таа прилика, бидејќи некаде во просек сум десеттина години помлад од нив и кога јас почнав посериозно да се занимавам со новинарство бендот веќе прекина да биде активен, а Милан почина во 1994 година. Така што, немав прилика лично да запознам никого од нив. Ни Милан, ни Бојан. Маргита подоцна имав прилика да ја запознам и нешто да соработувам со неа кратко, пред крајот на нејзиниот живот.

Уште кога излезе ја прочитав книгата за Маргита „Врати унатраг од Александар Илиќ и стекнав свој впечаток. Но, кажете ни од лично искуство каков беше Вашиот впечаток, кога ја запознавте.

– Па како да кажам …Тоа буквално беше во последната година од нејзиниот живот кога имаше егзистенционални проблеми. Јас тогаш работев во фирма која се занимаваше со продажба на цедиња и дискови и преку заеднички пријател дојде до соработка со неа и направивме тие пари од дискови директно да ѝ ги дадеме неа, за да всушност би имала некои услови за егзистенција и некои финансии. Впечатокот беше, како да објаснам, почитување! Ми е жал што таков беше расплетот на судбината, но имам големо почитување кон неа.

Рековте почнавте да работите како новинар. Дали уште тогаш имавте сенс дека е тоа историја или мислевте дека тоа е само некој тренд кој ќе помине?

– Па јас токму кога дојде до распад на Југославија на радио направив емисија за сеќавања на рок песните од бивша Југославија, на почеток на деведесеттите, сметајќи дека е тоа многу квалитетна музика и дека треба да биде присутна и во медиуми. И, како дојде таа војна и распадот, тогаш некако медиумите се затворија, па повеќе пуштаа музика од бендовите од своите држави. А, јас сметав дека тоа не е добро, туку дека сме сите дел од еден заеднички културен простор и дека сѐ што е квалитетно и добро и ново, а особено тоа старото, без оглед од каде е бендот по потекло, дали од Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, или Црна Гора, треба да се пушта. Музиката нема граници. Тогаш немав свест до каде и колку долго тоа ќе трае, а еве трае.

Ја почувствувате таа празнина дека ги нема ЕКВ, не се застапени во медиуми и се сетивте да направите трибјут бенд, после кој се создадоа многу други. Вашиот е прв?

– Не, не е прв. Напротив. Всушност беше последен. Не беше прв, воопшто. Постоеја ЕКВ трибут бендови пред „Деца из воде“ и тоа поприличен број, на просторите на цела на ЈУ, меѓутоа ниеден бенд кој постои и егзистира не беше бенд како што беше ЕКВ. Тоа беа група музичари кои ги свират ЕКВ, но не беа соодветна постава. И мене тоа ми пречеше како фан на ЕКВ, затоа што јас одев на нивни концерти. Во Белград има два трибјут бендови кои се создадоа пред „Деца из воде”, постојат и до денес денес, но немаат девојка која свири на клавијатури (како Маги н.з.). Еден бенд има пет членови, тоа не ми можел да го наречам некој вистински трибјут бенд, затоа што целта е да се долови како навистина било, а не да ги интерпретираме на некој наш начин. И тогаш ние се создадовме и ја пополнивме таа празнина и веднаш добивме големо медиумско внимание, токму поради тоа- затоа што направивме вистински трибјут. И тогаш тоа го препознаа бившите членови на ЕКВ и почнаа да доаѓаат како гости на нашите концерти, тоа ги потсети на периодот кога тие биле во она вистинското ЕКВ. И после нас не се направија веќе „tribute to“ ЕКВ бендови, затоа што видоа дека ова е тоа и дека нас нѐ поддржуваат и поранешните членови.

Дали тоа што Срѓан Жика Тодоровиќ е со вас ви дава многу поголем легитимитет?

– Па апсолутно. Тоа ни доаѓа некако како диплома, во смисла дека сме најблиску од сите досегашни обиди да се долови ЕКВ во живо. Најпопуларниот член, од периодот кога беа најголеми, и не само тој, туку и сите останати… Жика порано ги одбиваше поканите да свири ЕКВ, имаше покани од други бендови и трибјут бендови на ЕКВ и од други проекти, затоа што тоа му беше емотивно и малку тешко, но првенствено не сакаше затоа што тоа не беа ЕКВ и не сакаше да биде дел од таа приказна. За да биде нешто слично на оригиналот, мора да има малку и визуелен момент и емотивен момент и сѐ нешто, што тој тоа го почувствува кај нас и ете затоа соработува и гостува со нас. Концертите се спектакуларни, преку два и половина часа. Така што, поголема потврда од тоа не постои.

Вие како менаџер сте посветени само на ова, откако го оформивте бендот, или можеби и нешто друго?

– Се занимавам со организација на концерти и разни други работи околу домашната рок музика и соработувам со многу бендови и надвор од Србија. На пример, работев долго со „КУД Идијоти“, работев со Даворин Боговиќ. Но, најмногу време потрошив на „Деца из воде“ затоа што е тоа е мој проект во изворна смисла и мој бенд.

Кои музичари се дел од овој бенд?

– Што се однесува до самите членови на бендот тоа е еден спонтан склоп, сите четворица се од различни годиште и тоа раздалечени меѓу себе по пет и повеќе години. Најстариот член е тапанарот Никола Рајовиќ 40 и нешто години, тој свиреше и во некои други бендови. Басистот Лазар Остојиќ е следен по возраст. И тој има неколку свои авторски бендови, а свиреше и во други трибјут бендови. Професор е по акустична гитара во Музичка школа во Белград. Заврши во Холандија за акустична гитара. Потоа зад клавијатурите е Луна Шкопеља. Таа има 30 и нешто години, заврши рок школа, мастер и музичка продукција. Инаку е од музичко семејство, ќерка е на Мадам Пијано и басистот на група „У шкрипцу“ и „Бабе“ Дејан Шкопеља, па порасна покрај гитара и клавијатури. Гитара и вокал, како Младен Младеновиќ, е Алекса Вучковиќ, тој има 20 и нешто години. Тој исто така дојде од таа приказна од таа рок школа и е син на нашиот славен гитарист Владан Паја Вучковиќ, кој долги години е во придружниот бенд на Здравко Чолиќ. Паја ги сакал ЕКВ и ја пренесол таа љубов и на синот. Така што, тоа е актуелната постава. Инаку имавме и некои персонални измени во последните десет години….

Која е Вашата најомилена песна од ЕКВ?

– Моја омилена песна лично ми е „Очи боје меда“. Тоа е песната која онака доста ме „раздрма“ кога ја слушнав и ме насочи уште повнимателно да ги слушам ЕКВ во однос на другите бендови. Ми беше како некаква прва љубов.

Во неколку зборови што тоа ЕКВ ги чини сосема поинакви од целата таа музичка рок култура на Балканот? Сепак, тие се издвојуваат од сите останати. 

– Па, по многу нешта се извојуваат. Да речам, самата постава е уникатна и на крај се испостави дека имаа и клавијатура. Не многу рок бендови имаа клавијатури. Потоа интересен е тој момент дека девојка е зад клавијатурите (Маги), имаат микс машко – женско… Имаат и еден визуелен идентитет кој ги следеше сите тие нивни плочи. Потоа, секој музичар поединечно кој беше дел од таа приказна имаше некој свој интегритет и став и харизма, кој им привлекуваше внимание на луѓето. Така што, секој член беше битен во целата таа приказна и таа комбинација, а нивни перцепции, музички, доведе до песни кои се уникатни. А Милановите перцепции текстуални и пристапот на создавање на песни е поинаков, малку одел на асоцијации… Потоа, тука е значаен и феноменот да имаат голема база на фанови во сите градови на бивша Југославија. Секаде беа прифатени, дека практично беа наднационални и може да се рече дека „штрчат“ во односот на другите. И, ете просто ми е криво и жал што тоа веќе не постои. А, особено ми е жал што перцепцијата за нив била, ајде да кажам негативна, или делумно негативна. Или погрешна. И пак јас сум тој кој се занимавал со тоа професионално, кој работел во медиуми и кој знае дека тоа не беше така и потоа ми се создаде желба малку да ја исправам таа неправда и да презентирам целата таа приказна што пореално, да ја приближам што повеќе до онаа што таа вистински беше. И така се создаде и бендот и Здружението и соработката со поранешните членови. А покрај бендот имаме и придружна мултимедијална програма – документарен филм, фотографии, спотови, претставени се сите книги кои се напишани за Милан и Маргита ЕКВ, трибина со разни луѓе кои соработувале со нив и таканатаму.

Познавате нешто и од македонска музика, евентуално имате некои омилени музичари?

– Ја познавам делумно, претпоставувам дека има многу повеќе од тоа што знам…

Леб и сол сигурно ги знаете, Влатко Стефановски …

– Апсолутно. Апсолутно ги познавам „Леб и сол“, дури имав прилика и да правам концерт за Влатко Стефановски во Белград … Што се однесува до „Леб и сол“ како група жал ми е што не се во комплетен состав, што се поделија, затоа што тоа не го заслужуваат. Беа баш голем екс ЈУ бенд, штета што не останаа до крај во таа форма, песните им се квалитетни. Инаку лично сум ги слушал и ги следел „Мизар“ кои повторно се активираа, „Анастасија“ кои ја направија музиката за филмот „Пред дождот“ …Тоше – легенда. Тоше, многу ми е жал што прерано почина, ќе беше некој нов Здравко Чолиќ.

Ја пееше и Тоше „Овај круг сам смислио

– Тој беше баш Човек – музика, тој ја сакаше и „Металика“ и рок и етно, немаше граници. Како мене исто, јас го немам тој жанровски лимит, така што ако е добра песната е добра и тоа е тоа.

Пред да се видиме на „Мото фест“ и да помубетиме уште, кажете ми дали знаете нешто повеќе за Куманово? 

– Прв пат свириме во Куманово, организаторите нѐ поканија. Јас служев војска во Куманово и затоа убаво се договорив со нив, им реков „Таман да видам малку од градот во кој бев една година, во 1985/6“. Исто така, постои некоја добра приказна за некој концерт кој ЕКВ го направиле во Куманово. Можеби го има и на Јутјуб. Така што, ние сакаме да го испочитуваме секој нов град каде не сме биле, особено каде што ЕКВ оставиле некоја трага. Во Македонија ги сакаат, ете свиреле во Куманово и на некој начин и тоа е причина да дојдеме и ние барем еднаш и успеавме да го „уфрлиме“ и Жика.

Нема да Ве прашам дали имало некоја убава Кумановчанка кога бевте во војска, но ќе ви предложам сега кога ќе дојдете да пробате кумановско зељанче. Знаете што е тоа?

– Не.

Побарајте од организаторот Мото клуб „Мечки да ве однесат во кумановски ресторан – тоа е најдобриот специјалитет од месо, нешто како плескавица, но уште повкусно, па така ќе имате комплетен впечаток како е да се биде во Куманово.

– Ха, ха. Па не се сеќавам многу, не излегував во град и немав прилика да најдам некоја девојка, ама се сеќавам на фабриката на тутун и мирисот на тутун затоа што ние, војската, од таму поминувавме…

Време е да Ви посакаме „Добро ни дојдовте во Македонија, овој пат на Мото фест.

– Благодарам. Се гледаме наскоро.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

ЕКВ во 1986: Милан, Иван, Бојан, Маргита

Потекло:

СФРЈ Белград, Југославија (денес Србија)

 

Жанрови:

Рок

Пост- панк

Нов бран

 

Години на активност

1982 – 1994

 

Членови:

Милан Младеновиќ (вокал, гитара)

Маргита Стефановиќ (клавијатури)

Бојан Печар (бас)

 

Поранешни членови:

Ивица Вдовиќ – Вд (тапани)

Срѓан Тодоровиќ – Жика (тапани)

Драгомир Михаловиќ – Гаги (гитара)

Зоран Радимировиќ (бас гитара)

Иван Феце – Фирчи (тапани)

Иван Ранковиќ – Рака (тапани)

Марко Миливојевиќ (тапани)

Сржта на бендот ја сочинувале гитаристот и пејач Милан Младеновиќ, клавијатуристката Маргита Стефановиќ и басистот Бојан Печар.

 

Снимиле три албуми во живо, два компилациски , два трибјут и седум студиски албуми:

– „Катaрина II“(1984)

– „Екатарина Велика“ (1985)

– „С’ ветром уз лице“ (1986)

– „Љубав“ (1987)

– „Само пар година за нас“ (1989)

– „Дум Дум“ (1991)

– „Неко нас посматра“ (1993)

Written by: Алек


БЕСКРАЈНА ЗАБАВА