todayјуни 10, 2025
„Барај го Сашо, Сашо појќе тие работи ги знај, ги прај, јас не ги памтам, ама добро, добро…“, ќе рече на битолски, на почеток на средбата. А, ние точно него го баравме овој пат и низ еден опуштен разговор ја „убодивме“ поентата што сакавме да ја погодиме.
Во петок, на 13 јуни, „Паркети“ за прв пат ќе настапат на „Мото рок фест Куманово“, на спортскиот аеродром Аџи Тепе, на првиот фестивалски ден, покрај „Лектира“, „The Hooten hall“ и „The solution”…
Го побаравме Симс, музичар, гитарист и автор на романите „Крепсатен“ и „Ангаже“, да ни каже што подготвуваат.

Симс, за нецела недела ве очекува „Мото фестот“…
– Во Куманово свиревме два пати, минатата година. А година за прв пат сме на „Мото рок фест“.
Тие ве побараа, организаторите на фестивалот, од моторџискиот клуб „Мечки“, или вашиот менаџер ве понуди?
– Кој менаџер? Немам ние менаџер …
Како немате менаџер? Ами како се снаоѓате, сѐ сами правите?
– Ние (се смее), сѐ сами правиме. Свириме таму каде што ќе нѐ побараат. Не нѐ бива многу за бизнис, но тоа е.
Добро, ама откако направивте камбек, интензивно настапувате некаде.
– Да, нѐ бараат. Во последно време нѐ бараат. Свиревме речиси секаде. И во Скопје…
Каков репертоар подготвувате за Куманово?
– Во Куманово ќе го свириме најдобро од нас. Таму ќе свириме десеттина- петнаесет, сите ќе бидат хитови. Ќе биде пократко, веројатно еден час и ќе биде збиено, сѐ хит до хит.
Пробате или увежбани сте од свирки?
– Не, правиме проби. И да имаме свирка и да немаме, ние проби правиме. Се собираме, се снима, се проба, тоа ни е некако како работа.
Имате среќа или сте само сакани, што и по толку години постоење, еве дури и во Скопје направивте концерт. Што мислите околу тоа?
– Имаме среќа?! Ха. Да ти кажам право имаме упорност повеќе. И сакаме да свириме. Среќа баш и немаме, ти велам, да имавме среќа ќе бевме некаде и во светот. Ама ова го правиме со упорна работа. 30 години континуирано свириме без прекин. И, како да речам, на крајот се исплати. Не е крајот, но дури сега почна да ни се исплати.
Аха. Чекај, во материјална смисла зборуваме, или во смисла на статусот кој го заслужувате?
– Материјална. Со статусот ние немаме проблем, знаеме кои сме, што сме. Зборуваме за материјално. Мислам, се знае кој е рокенрол во Македонија, дека тоа се „Паркети“. Тоа не може никој друг да го рече. Зборуваме за вистински рокенрол. Така што, немаме проблем со статусот, но сега тоа треба малку да се претвори во пари.
Како поминавте на концертот на 26 април во Скопје?
– МКЦ ја наполнавме, колку собира таму, 800 луѓе? Имавме многу гости на сцена, МТВ го снимаше сето тоа, ќе го има на телевизија за некој месец. Гости имаше повеќе од десет, Зоки Агресор, Донплеја, Принцес Донатсу, Д Далтонс…
Значи ваша, поточно, наша шема од девесесеттите наваму…
– Да!
Сега нон- стоп ср зафатени со свирки?
– Не сме нон – стоп зафатени, ама ете да речеме свириме три пати месечно.
А, снимате нешто ново?
– Набрзо ќе излезе една песна, снимена е. И спот ќе се снима. Нон- стоп се снима, само што медиски не е проследено како што треба. Тоа ние баш и не знаеме да го работиме. Ние свириме и толку, не се најде некој да нѐ „турне“ и не…
Е како тоа не се најде, во што е проблемот?
– Не знам, можеби така требало да биде.
Да не е и дека вие не се наметнавте и не се понудивте малку повеќе?
– Можеби, можеби и во нас е проблемот и затоа досега само вака работиме.
Каква е атмосферата меѓу вас, во бендот?
– Супер. Како и секогаш – се караме, се смируваме, пак се караме…
За што се карате најмногу?
– За банални работи многу често, кои што немаат врска со музика. А некогаш и за музиката, која песна да биде, оваа ќе биде, не оваа, зошто не отиде мојата и така…

Имате ли постигнато заеднички консензус кој е ваш најголем хит?
– Ах, не знаеме. Зависи. Комерцијално беше „Сакам да те галам“ со Елена Ристеска, а инаку имаме хитови од „Ќе направам бал“, „На месечина те заборавив“ … многу хитови имаме.
Колку отприлика?
– Ах, требаше Сашо да прави интервју (пак нагласува, н.з.), тој повеќе се разбира…Над сто песни имаме снимено.
Албуми?
– Шест, седум и две компилации со најдоброто. Од концертот што беше во МКЦ баш убава емисија ќе излезе, таму се изведени сите наши најдобри песни од секој период, можеби над триесет песни отсвиривме.
Има ли некаква промена во бендот од кога почнавте досега? Јас не можам да забележам, многу сте ми исти, оригинални.
– Добро јас, Сашо и Зоки сме цело време. Тапанарот го сменивме, сега со над е Ристо, а Славе веќе свири со „Фолтин“.
Ајде да кажеме како се вика новата песна?
– „Љубичица“.
“Љубичица”? Посветена е?
– Ќе ја слушнете. Некои луѓе што ја слушна ја бендисаа. Спотот, ќе го снимаме овие денови.
Кој режисер ќе ви го снима?
– Кој? Никој. Сами го правиме. Сашо. Сашо има купено опрема, така што…
Ама, ми се чини, без да бараме изговори, вам како да ви е поубаво вака, без менаџер? Не сакате никој да ви кажува што треба да правите…
– Да, да, тоа е позитивната страна. Со менаџер, на крајот, ќе мораш да правиш тоа што тој мисли.

Мотори возите, сакате, поддржувате? Што порачувате?
– Дааа. Да. И Сашо и Зоки и двајцата имаат мотори и тоа големи мотори. Јас не. Супер се моторџиите. Природно чувство е тоа, не е ништо вештачки. Ја имаш волјата за живот и кога возиш мотор, се чувствуваш жив. Нашиот нов спот сега што ќе биде, ќе биде со мотори.
Кумановци да очекуваат екстра забава од вас?
– Ооо, се даваме себеси целосно, како и секогаш. Ха, ха, ха. Ние ќе дадеме сѐ од себе си. Им благодариме што нѐ поканија. Ни се јавија уште пред Нова година и ни рекоа „Да дојдете задолжително на Мото рок фест Куманово 2025“. Свиревме во кафулето „Агора“ и таму нѐ слушнаа и нѐ викнаа за фестот, така што мислам ќе биде убаво.
Ајде да дефинираме, „Паркети“ се кабадаи – рокери?
– Кабадаи, кабадаи. Битолчаните се кабадаи. Дури и во еден документарен филм за Битола „Ацо Кабадаја“ и таму имаме наша песна.
Убаво си го терате и вашиот филм, онака опуштено, искулирано.
– Фала му на Господ, да. Сега засега добро е.
Во Битола сте исто популарни како и низ Македонија?
– Сме, сме. Сега во крајот на август ќе направиме голем концерт, на ракометно игралиште или во Хераклеа (како некогаш, н.з.).
Ќе ни кажете точно кога, ќе дојдеме. А, и со Сашо имам „еден муабет“. Поздрав до сите!
Валентина Ѓоргиевска Парго
Дискографија:
„Грижа на совеста“ (1996)
„Газирана хармонија“ (1998)
„Но тинкејшн“ (1992 – 2002)
„Тајната на името“ (2005)
„Мамо не му кажувај на тато“ (2009)
„Република Франкенштајн“ (2012)
„Паркети“ (2014)
„Треинта Путос Аñос” (2021)
„Паркети“ се рок, панк група од Битола, формирана во 1991 година од Сашо Паркет, Славе Паркет и Себастијан Паркет. Познати се по своите настапи во живо, изгледот и смислата за хумор.
Актуелни членови:
Сашо Паркет
Симс Себастијан Паркет
Зоки Паркет
Ристе Паркет
Поранешни членови:
Гог Паркет
Пеце Паркет
Марија Паркет
Славе Паркет
Првиот албум „Грижа на совеста“ го снимиле во 1996 година, а вториот – „Газирана хармонија“ бил снимен во 1998 и во него на местото на Сашо Паркет, вокалист е неговиот брат. Сашо се враќа во бендот на почетокот на новиот милениум.
„Паркети“ во своите песни обработуваат најразлични теми.
Песни без тема: „Портокали“, „Оса“, „Муви“, „Едно млеко и едно кафе“, „Ева Мендез“, „Да ја ебам баба ти на летање“ и други.
Љубовни песни секогаш им биле најискрени: „Бал“, „Мислам“, „На месечина те заборавив“,„Најмногу на целиот свет“, „Барбара“, „Песна со најубави ноти“,„Strawberry“ и други.
Понекогаш имало и песни кои имале допир со социјални теми а во таа категорија спаѓаат песните „Кафеави Џуџуња“, „Ние сакаме“, „Клара пуши трева“, „Sweet vegetarian“.
Концертите на „Паркети“ се секогаш оригинални и многу енергични. На нивните настапи имало сè – од моторни пили и експлицитен материјал, до кршење на картонски гитари.
Имаат учествувано на многу фестивали и имаат одржано неколку концерти меѓу кои најголем е концертот во амфитеатарот во Хераклеја, 2009 година. Мал акустичен концерт во Домот на културата во Битола одржаа во 2011 година.
Два пати учествуваа на македонскиот избор за песна на Евровизија, во 2008 со песната „Strawberry“, а вториот пат, во 2010, со песната „Ти си киси феномен“ го освоија последното место и изјавија дека никогаш повеќе нема да учествуваат на изборот за песна на Евровизија.
Written by: Алек