play_arrow

keyboard_arrow_right

Listeners:

Top listeners:

skip_previous skip_next
00:00 00:00
playlist_play chevron_left
  • cover play_arrow

    Radio Skver 106.7 FM Radio Skver 106.7 FM

Интервју

THE SOLUTION: За нас веќе нема „Стоп!“

todayјуни 13, 2025

Background

Четворица рок – момци и една млада рок дама е описот на кумановски бенд „The solution“, во кој членуваат вокалистката Ивана Стојановска (дипломиран оперски пејач), Иван Михајловски на тапани (програмер), гитаристите Филип Стојковски (професор по музичко во основно училиште во Старо Нагоричане) и Никола Стојковски (аудио продукција), како и машкиот вокал Филип Гелевски познат како Геле, (програмер и дизајнер).

Тие се на триесетгодишна возраст, генерациски плус, минус пет години, добро соработуваат и имаат желба за творење на долги патеки.

Рок група со машки и женски пејач, што ги прави мошне интересни.

Ивана и Никола ни должат видување, поради обврски овој пат ја прескокнаа нашата муабет – дружба, која пријатно помина со другите членови на бендот.

 

Она што е ексклузива за вашиот бенд, а го најавите по социјалните мрежи, е дека утревечер (13 јуни) за време на концертот што ќе го имате на „Беарс мото фест 2025“ ќе ја промовирате и својата нова песна. Втора по ред.

Филип С.: Песната е направена летото  2022 или 2023 година. Ја создадовме по една проба, кога се подготвувавме исто така за настап на „Мотофестот“ и за сезоната која ни следуваше. По пробата седнавме на маса да се напиеме нешто, јас ја зедов гитарата во раце и тргна првиот риф, инспириран од музиката што веќе ја свиревме, екс ЈУ и странски рок. Го направив рифот, направив дел за строфа, им велам „момци, ајде слушнете го ова, ајде седни на тапани, ајде земи ја другата гитара, ајде да пробаме“ и така се создаде оваа песна.

Каде се одвиваше пробата?

Филип С.: Кај танапарот Иван, дома. И ден денес таму се одвиваат пробите. Како што ви кажав, пробаме, потоа седнуваме да се подружиме и на една таква добра седенка песната излезе сама. И текстот беше направен за момент. Само дадовме идеја да биде љубовна приказна. Но, има убава заднина – рефренот зборува за кога некого ќе го изгубиш, не мора да е тоа љубовна врска, може да биде пријател, може да биде роднина, сфаќаш колку ти значи, а не си му кажал кога бил до тебе. Отпосле ти текнува на тоа, кога е доцна…

Каков наслов носи песната?

Филип С.: Прво беше „Време и идеја“, но потоа го оставивме да биде само „Време“,  мислевме дека така пократко ќе биде поприфатливо, поубаво. Напишан е од сите групно, но воглавно го пишуваше Ивана. Сите наши идеи и зборови таа ги склопи на едно место, затоа ајде да кажеме дека текстот е нејзин.

Иван, кај Вас се одвивале пробите, кај Вас е родена оваа песна. Многу млади луѓе во Куманово се жалат дека немаат каде да вежбаат. Градот е голем, но ете не обезбедил простор за музичарите. Како се снаоѓате со проби, зар по домови?

Иван М.: Тоа е реален проблем. Среќа што добри ми се соседите, па никој не се побунил, туку се радуваат кога ќе нѐ чујат дека вежбаме. Јас живеам во зграда, зградата е мала, но соседите се баш „големи“. Пробите ги правиме, главно, попладне кај 17- 18, за да не им пречиме.

Соседите се рокери?

Иван М.: Штом не се бунат, значи да. Баш се радуваат. И првата песна сите ја пофалија, а и оваа новата сигурно ја слушнале, зашто ја свириме на проби.

Геле, Вие сте пејачот, Вие треба да ја изведете песната… Сигурно ја доживеавте, мора да ви помине низ вени, за да ја донесете како што треба. Се почувствувавте комотен во „Време“?

Геле: Тотално да, тотално да. Не е ништо ново да се каже дека музичар сака да пее љубовна песна. А ова е некој вид на љубовна песна, јас пример така си ја доживувам и секој на различен начин може да си ја сфати пораката. Многу сакам да пеам љубовни песни и многу лесно ми одат, посебно кога ги изведувам во живо. Тоа ми лежи. Ова е втора наша песна, инаку свириме кавери.

Од кои групи?

Геле: Од екс ЈУ просторите, како „Дивље јагоде“, „Бијело дугме“, „Рибља чорба“, „Прљаво казалиште“, „Парни ваљак“ и некои македонски како „Нокаут“, Бени и „Нон стоп“, „Лева патика“, Тоше…

И поп музика изведувате? Која песна од Тоше?

Геле: Има многу „Излажи ме“, „Ледена“, „Лејди“…

Да позборуваме и за Вашата прва песна.

Иван М.: Првата песна „Ти и јас“ премиерно ја изведовме на „Макфест“ минатата година. Публиката добро ја прифати и со огромен аплауз, потоа нѐ имаше на радио и на портали во Куманово. Таа песна ја направи Филип Стевановски од Штип.

Направивте пробив со настапот „Макфест“, бидејќи е реномиран фестивал. Снимивте и спот, ќе ни кажете и за тоа, но претходно за овој новиот за песната „Време“, што ќе го промовирате утревечер.

Филип С.: Спотот на новата нумера го работевме во месец април, со Сашко Петров, млад видео продуцент од Радовиш и со неговата екипа. Му ја пренесовме нашата замисла и искрено, сакавме да ја пренесеме и нашата вистинска енергија од бина. Тоа што сме ние. Одлучивме да нема статисти, ни глумци. Снимавме во „Пивница“ во Куманово, со публика. А, снимени се и кадри од мотори, што некако е поврзано со „Мотофестот“.

Намерно или независно?

Филип С.: Независно, индиректно. Снимивме што снимивме и кога ги видовме првите исечоци, рековме: Чекај, ова ќе излезе ко „бајкерска“ песна, ајде да ја пуштиме на „Мотофест“…

Зошто рок музиката автоматски ја поврзуваат со „бајкество“, да речеме?

Филип С.: Најверојатно заради бунтовноста. И, онаа независност…

Моторџиите се бунтовници?

Филип С.: Дефинитивно!

Во која смисла?

Филип С.: Па ајде да кажеме дека раните „бајкери“ во четириесеттите, педеттите години, биле независни, буквално до степен на анархисти. Е, сега тоа не може да функционира така, во ова време модерно и во демократија

…бидејќи сега сите се бунтовници…

Филип С.:…нормално и сега тоа е веќе во некоја блага форма. Но, останал зборот „бунтовници“, како што и рокенролот ја сметаат за бунтовничка музика. Панкот е исто бунтовничка музика. И, мислам дека од таму доаѓа таа поврзаност на „бајкерите“ со рокенролот.

Иван, има ли тука нешто заедничко и со енергијата? Ти треба полна енергија како личност за да возиш, да сакаш слобода, да му се спротивставиш на ветрот кој доаѓа кон тебе в лице, а и рок музиката е исто така таа која мора да има енергија, за да успее на сцена. 

Иван М.: Да, дефинитивно. Тројца од бендот возиме мотори, јас, Филип и Никола. Ние сме „бајкери“, сакаме мото – собири, сакаме свирки на мото – собири, сакаме рок музика. Затоа и нѐ покануваат, веќе по петти пат. Првите два пати бевме со слична група, со име „Рејдио стејџ“.

Вие изгледа најмногу имате настапувано на овој мото – собир. Овој пат на што ќе ставите акцент?

Геле: Па, ќе тераме повеќе „Ју“, имаме песни од „Рибља чорба“, „Партибрејкери“…Свирката ќе трае отприлика два часа. Но, свирката е жива материја, не знаеме кога точно ќе почнеме кога точно ќе завршиме, сатницата може да се менува на самото место.

Ве фаќа ли трема како пејач кој треба новата песна да ја отпее пред огромна публика?

Геле: Не! Искрено.

Навистина не?

Геле: Воопшто не. Не сакам да звучам надмено, но мислам дека сите ние сме оперирани од било каква трема. Нормално постои некоја позитивна трема, ама единствена трема доаѓа од тоа дали ќе ја сакаат новата песна, за изведба не е проблем.

Филип е убеден дека ќе ја сакаат, дека е одлична и дека треба да ѝ обрнеме внимание. Дали додека ја изведувате на сцена ќе го видиме спотот?

Филип С.: Да. Убаво кажа Геле дека свирката не можеме точно да ја темпираме, а замислата ни е да почнеме пред 12 часот на полноќ и точно во 12 часот да го најавиме спотот, кој паралелно премиерно излегува на Јутјуб за да може да го видат и тие што ќе се дома, а ние таму на сцена ќе го пуштиме на видео бим и ќе ја свириме песната во истиот момент. Ќе биде баш супер. А зошто сум убеден дека ќе помине добро? Затоа што ние песната многу ја сакаме, затоа што реално ни е прва на бендот и искрено излезена од нас, без никакви граници или поставки претходно „еј мора ова да направиме, еј мора вака да звучиме, еј ова да е комерцијално“. Не! Тоа што сме го мислеле сме го изнеле, тој звук што го сакаме сме го постигнале, тој изглед на спот што сме го сакале сме го добиле и сега на ред е публиката да си го даде своето мислење.

Во кое студио ја снимавте?

Филип С.: Ја снимавме во студио на нашиот пријател Иван Петровски Џоки од Скопје, страшно добар гитарист и тромбонист. Работи со многу артисти. Тој минатата година имаше две песни на „Макфест“, оваа година повторно ќе има. Доста е актуелен во продукција и затоа го бараат, а ние го одбравме него затоа што сме пријатели, генерациски сме блиску и едноставно тој рок звук и идеја што ја имаме во глава, тој многу добро ја сфати и ја прими. Рече „Такво нешто нема во Македонија моментално нема“. Затоа што сега сѐ е комерцијално, тоа е факт. Не би сакал никого да навредам од комерцијалната музика, имаме одлични артисти, но светската продукција наметна некој нов правец што го слушаме сега и нема фидбек за поп, нема фидбек за рок, за реге, за панк, за метал, дури ни за народна музика…

Геле: Па и за рап нема, тоа е нели сепак еден вид музика на искажување на сами себе…

Иван, штом сте „бајкер“ сигурно имате и приватно добри релации со „бајкерите“ и ја имате сфатено таа филозофија на возење мотори и свирење рок музика. Сметате дека тоа е предност за еден млад човек да има поотворени сфаќања кон животот и кон својата лична слобода?

Иван М.: Дефинитивно. Што повеќе човек може да излезе од таа „комфорт зона“, мислам дека е многу подобро. Ги разбираш другите сфаќања, погледот го менуваш, повеќе комуницираш.

Но, и одговорноста е голема да се вози внимателно, бидејќи за двете тркала велат дека се жешки тркала. Вие возите брзо?

Иван М.: Не. Не. Внимаваме со брзината. Јас возам чисто онака за мерак. Не сакам адреналин.

Тоа е добро. Ни недостигаат Никола и Ивана, која во моментов е со својот детски хор. Кога би била тука, на што ќе обрне внимание?

Филип С.: Ивана по професија е дипломиран оперски пејач на академијата во Скопје. Сега го води отсекот за хор и музика во „Skill factory“,  води детски хор и е посветена на тоа.

Претпоставувам дека е добро вклопена во овој машки бенд и со своето присуство придонесува многу повеќе да го разубави да го разнежни. Која е нејзина амбиција и желба? 

Филип С.: Авторската музика дефинитивно. Таа сака авторска музика и уште пред години форсираше да снимиме нешто свое.

Тоа значи дека и понатаму ќе правите авторски песни?

Геле: Сега, откако веќе почнавме, нема „Стоп!“.

Иван С.: Тешко е да се скрши ледот, но штом го скршивме со првата песна, сега и со втората, одиме понатаму со нови планови.

Да се осврнеме и на спотот за макфестовската тема. Што ви остана во сеќавање?

Филип С.: Спотот го правеше нашиот драг пријател кумановец, Емил Пачковски, а негова десна рака беше Александар Ѓелевски, исто кумановец од ТВ Плус. И тогаш визијата беше наша, а целиот резултат беше нивен. Емил студира филмски режија во Белград и затоа го одбравме него, тој има око за кадри и за естетика, што ние можеби не го гледаме. Ни помогнаа и Ивица од „Гаце шлеп служба“, Ацо „Муцка“ и  „Lightside“ – Куманово.  Спотот беше реализиран со наши финансии, во ноември, набрзо по „Макфест“, се сеќаваме дека еден ден го снимавме на отворено, еден ден во Домот на културата НУЦК „Трајко Прокопиев“ кој нема греење и се смрзнавме. Беше снимен набрзина, колку да има нешто, но излезе супер. Вториов видеоспот веќе ни е помогнат од кумановски фирми, кои се јавуваат како спонзори.

Невообичаена комбинација – бенд со два пејачи, машко и женско, пред сѐ рокер и оперска пејачка. Може да се спореди со Фреди Меркјури и Монсерат Кабаје?

Геле: Хахаха, нема шанси. Дефинитивно би сакале, ама е висока споредба.

Во секој случај функционирате како машки женски рок глас, се совпаѓате, а тоа не е лесно. Различно е женското, различно машкото пеење на рокенрол. 

Геле: Вистинска моќ е во тоа да имаш два пејачи, посебно машки и женски, општо во секој бенд, затоа што има некои женски песни, еве на пример „I love rockenroll“, „Додирни ми колена“ кои машко не може да ги испее. Си помагаме константно во пеењето, нешто пее Ивана, нешто јас, имаме и доста дуети „Принцеза“ Слаѓана и Дадо, „Немир“ Тоше и Каролина, Калиопи и Жељко Самарџиќ, Кемал Монтено и Нина Бадриќ…

Имате редовни свирки?

Филип С.: Во „Јард“ свириме редовно еднаш до два пати месечно, а одвреме навреме ќе се појавиме и во градската „Пивница“ и во бар „Министерство“… Како што кажа Геле, ја форсираме екс ЈУ музиката бидејќи тука кај нас, локално, се бара тоа. Странската музика не поминува најдобро, ќе реагира десет отсто од публика можеби, а другите ќе гледаат.

Во текот на ова интервју ми подаривте налепница, ме израдувавте. Досега ниеден македонски бенд, не го направил тоа. На него е претставено еден маж и една жена, што е тоа?

Филип С.: Репрезент на Куманово – батко Ѓоргија, познатиот кумановски боем и жена – борец или грбот на Куманово од споменик Костурницата, која наместо во рацете да држи жито, држи две палки за тапани. Ние сме кумановски бенд и тоа си го носиме во срце.

Иван М.: Стикерсите – налепници ни ги нацртаа Ѓорги Антевски и Ерика Златановска, а јас го направив логото. Во блиска иднина ќе  отпечатиме и маички со нашето лого, во поголем тираж. А стикерси имаме околу 300 и ќе ги поделиме како промо – материјал на самиот „Мото фест“.

Одличен потег. Што означува името на бендот, во која смисла нудите решение?

Филип С.:  Решение за добра забава! И јас само би додал една порака поврзано со она што го кажавте дека групите нема каде да вежбаат. Независно, сите музичари нека прават авторска музика, особено музика која не е комерцијална. Да прават, да ја снимаат и да ја објавуваат. Сега е многу лесно да се дојде до некоја маса на луѓе – имаме Спотифај, Јутјуб, Инстаграм, Тик – ток, имаме многу портали и социјални мрежи кадешто може да се промовира музика и сите тие млади кои мислат дека нивната музика можеби нема да се слуша, нека не се обесхрабруваат. Нека снимаат со било што им е на располагање, со мобилен. Јас сум ја направил таа грешка кога сум бил помлад, сум свирел авторска музика со повеќе рок и метал и панк алтернативни бендови, а не сум снимал. Мислев нема кој да слуша. Сега ми е криво, затоа што нема запис, нема печатод  тоа што се работело со многу голема љубов и енергија. Секогаш велам – прави музика, снимај, без разлика дали тоа некој го слуша. Никогаш не се знае некоја музика до каде ќе стигне.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Written by: Алек


БЕСКРАЈНА ЗАБАВА