play_arrow

keyboard_arrow_right

Listeners:

Top listeners:

skip_previous skip_next
00:00 00:00
playlist_play chevron_left
  • cover play_arrow

    Radio Skver 106.7 FM Radio Skver 106.7 FM

Интервју

„OVERLOAD“: Сакаме да бидеме бучни и да влијаеме на вкус за музика!

todayјуни 15, 2025

Background

Кумановската група „Overload“ ја отвори втората фестивалска вечер на „Беарс мото фест“, ја загреаa ноќта која ќе  се памети, за посетителите на Аџитепе.

Гитаристот Јосиф и вокалот Јован ни раскажаа повеќе детали за оваа група. 

По синоќешната рок журка, вечерва вие сте на потег, да направите вовед во ноќта.

Јосиф И.: Ние почнуваме први, со свирка во 19.30 часот, а по нас се „RIFF band“, „Стрингси“ и „Деца из воде ЕКВ“ и Срѓан Жика Тодоровиќ.

Ве барав на фејсбук, „Overload“ е бенд кој што нема дури ни своја интернет страница. Зошто толку инкогнито?

Јосиф И.: Па, не инкогнито, ние некое време не бевме активни, пет шест години свиревме само одвреме  – навреме, бидејќи дел од членовите беа во странство. Сега, по некоја стагнација, повторно се собираме.

Кога е формиран бендот?

Јосиф И.: Во 2011 година. Како активности на почеток имавме помали свирки во локални барови и кафулиња, подоцна почнавме да настапуваме на поголемо ниво, како што се  мото – собири тука, во Свети Николе, во Србија.

Кои се членови на групата?

Јосиф И.: Од сам почеток сме само јас (Јосиф Илиевски – ритам гитара) и Јован Хаџитасиќ (вокал). Другите членови сега се Даме Јовановски (бас гитара), Андреј Мициќ (перкусии) и Владимир Стојановски (соло гитара). Тоа е новата постава.

Јован Х.: Оваа постава всушност е од пред месец, два. Ние свиревме со тотално друга, нашиот оригинален состав е групата „Fire fist“, каде јас влегов како вокал во 2009 година, можеби и пред тоа во 2007. Од таа група останавме ние двајцата и еден гитаристот, Антонио, кој сега е во Германија. Составот се менуваа константо. Имавме сменето можеби десет басисти, од почетокот на „Fire fist“ па до преминот кон „Overload“.

Јосиф И.: Во 2011 станавме „Overload“ затоа што дојде друг тапанар и даде предлог за промена на името на бендот, бидејќи малку го променивме и репертоар.

Имате свои песни?

Јосиф И.: Со „Fire fist“ имавме. Песните воглавно ги правевме јас и Антонио. Но со „Overload“ свириме само кавери. „Deep purple“, „Led Zeppelin“, „The Doors“…

Зошто одлучивте да свирите само странски, а не и ваши песни?

Јосиф И.: Најверојатно не сме имале доволно инспирација и место за снимање, тоа е сигурно една од причините.

На која возраст сте генерациски во бендот? 

 Јосиф И.: Генерациски сме сите на триесеттина години. Претходниот бенд беше формиран кога сум имал само 19 години. Потоа јас свирев во еден кумановски метал бенд „Master slave“.

Но, да се задржиме на прашањето – зошто со тој бенд Вие имавте инспирација за авторство, а со овој немате?

Јосиф И.: Па не знам, така некако сме влегле во таа приказна и така тераме.

Јован, да се пее „Deep purple“, „Led Zeppelin“, „The Doors“ значи да се „растура“ вокално. Како се однесувате, имате самодоверба? Навистина сте одличен колку што Ве кажуваат?

Јован Х.: Па така зборува градот и околината. И не само тука. Ми кажуваат дека им се допаѓа моето пеење секаде каде настапувам. А имаме настапувано и во Сурдулица и во Владичин Хан, во Врање и во Битола и овде во сите кафулиња. Во Сурдулица настапивме во 2009 година. Се одржуваше првиот фестивал по бомбардирањето и јас случајно се најдов таму со татко му и успеав да се договоривме да настапиме. Тоа беше на отворено, на нивниот плоштад.

Значи дотогаш тие немаа никаков рок настан?

Јосиф И.: Тие немале таков поголем спектакл по бомбардирањето, затоа што тој фестивал „Рок гарден“ каде што настапувавме, се немаше одржано поради ситуацијата. И, ние „упаднавме“. Прв пат по толку време да настапува некој од страна, ние како странци, но од Македонија. И оттогаш настапувавме кај нив уште неколку пати и во Владичин Хан на „Релоад“ фестивалот.

Каква е одговорноста да се пее во Сурдулица по еден таков трагичен период?

Јосиф И.: Ние бевме тогаш многу помали и помлади, тинејџери и знаете, одговорноста ни беше некако во втор план, недоволно сфатена. Сега како повозрасни, сфаќаме дека одговорноста била голема.

Влегувате ли во „филмот“ на тие што ги интерпретирате?

Јован Х.: Едно време ми велеа дека сум како Џим Морисон, јас бев голем фан, уште сум голем фан на „The doors“ и така и се „носев“ и така и настапував, во тој стил.

Џим припаѓа на тој фатален „Клуб 27“.

Јован Х.: За среќа јас сега имам 35 години и мислам дека до стотка ќе ја терам ха, ха .

Дај Боже! Која Ви е омилена песна од рокерите?

Јован Х.: Од „The doors“ тешко да кажам која песна би ја избрал, можеби „End of the night“ би рекол дека е за мене, иако никогаш ја немаме изведено, затоа што нашиот бенд е со гитари, а без клавијатура, така што повеќе сме гитарски настроени.

Обично се одбираат тие бендови за репертоар, ама и многу тешко е да се дофат како тие звучат. Вие сте еден од поретите млади кој ги пее, обично рок класиката ја изведуваат повозрасните, кои растеле со таа музика. Сте растеле и вие музички со нив, но временски во различни периоди.

Јован Х.: Така е, само што да кажам дека јас и мојот братучед Јосиф, кој ми е и колега во бендот, сме израснати со рокенрол од страна нашите родители, тие живееја во духот на таа музика и сѐ уште се во рок филм.

Значи рокенролот Ви е во ДНК. Дали тие беа музичари?

Јосиф И.: Татко ми во седумдесеттите години има свирено бас гитара во кумановска група која се викала „Демони“. И така нормално од сам почеток се зафативме со корените, а тоа се „The Doors“, „Beatles“, „Rolling stones“, „Led Zeppelin“, „Deep purple“ и таканатаму.

Ајде cheers! (наздравуваме). Рокенролот оди со пиво исклучиво?

Јован Х.: Јас не сум фан на пиво, искрено повеќе пијам жестоки пијалоци, љубител сум на домашна ракија, но во летниот период се ладам со пиво и шприцер. Сепак, гледам да не пијам премногу на овие години.

Мислите дека имате многу години?

Јосиф И.: Па не, но некако имавме период кога живееме малку позабрзано и пораснавме малку порано. Имавме некои настани во животот кои нѐ доведоа до тоа да мораме да се осамостоиме порано од нашата генерација. Додека тие уште живееја полабаво, ние имавме други работи кои моравме да ги средиме, но сѐ уште сме тие истите луѓе и можам да кажам дека сега сме со поголем ентузијазам за музика.

Си ја побаравте среќата и во странство?

Јован Х.: Јас да. Бев во Германија, во Холандија и во Австрија. Сега живеам во Белград, таму сум оженет со Србинка од Земун.

Честито, со среќа!

Јован Х.: Благодарам!

Каде е сопругата, ќе дојде на „Мотофестот“?

Јован Х.: Секако дека ќе дојде, таа е дома сега работи онлајн.

Со рокенролот точно е дека се влегува во позабрзан филм, но воедно и филм кој стои в место, бидејќи тоа е и класика која не се движи. Како што е поставена некогаш, така уште стои и ние влегуваме во тој филм и живееме како на забрзана лента. Што е според вас најзабрзано, а што е е најспоро тука?

Јосиф И.: Најзабрзано е што сѐ некако сакаш сѐ да ти е подостапно, малку порано почнуваш со алкохолот, со цигари…А, најспоро и најубаво што трае се моментите на свирка, дружба, и секако кога бевме малку помлади и девојките, сѐ се врти околу тоа.

Вашите тетоважи на рацете, што значат тие? 

Јосиф И.: Оваа тетоважа е Ace of spades и тука пишува „Born to lose live to win“ (Роден да губиш но живееш да добиваш). Оваа другата е justice – правда. Правда за сите, но проблемот е што околу неа веќе има доларчиња, затоа што правдата е малку поткуплива, така што правдата и не е иста за сите.

Не е иста за сите. Да. Многу убава тетоважа и многу добра симболика.

Јосиф И.: Тетоважите може да постигнат низа значења.

А Вие, Јован, какви тетоважи имате?

Јован Х.: Јас имам повеќе тетоважи, некои имаат симболика, некои се само визуелно естетски. Птицата, гавранот, значи верност и посветеност и слобода. Значи јас сум слободен човек?

Тоа со парите, доларите, баш ме заинтригира… Има пари во рокенролот?

Јосиф И.: Не!

Па тогаш, зошто го правите тоа?

Јосиф И.: Најверојатно од љубов. Но, има пари во рокенролот доколку сакаш да бидеш покомерцијален и да настапуваш почесто. А вака, мислам дека е тешко и за добра поп музика, а камоли за рок музика.

Јован, рокенролот секаде може да се пее, и во Македонија и во Германија и во Европа… Сте се обиделе и некаде на друго место како рокер, или само со Ваше Куманово ?

Јован Х.: Видете, Куманово важи за еден од порокерските градови, со Битола се тука некаде. Овде рок сцената од времето е на некое повисоко ниво. Кога ние почнавме Куманово беше рокерски град со многу, многу млади рокерски бендови, тука доаѓа и хевиметалот, треш металот, хард класик рокот. Беше популарно и во една вечер, да кажеме петок, имаше четири – пет рок свирки во различни локали, но сега со тек на време сѐ се промени и опадна тој ентузијазам. Едно време сите отидоа во рап музика и во турбо и фолк.

Дали со „Мото фест“ малку се реанимира рокот?

Јосиф И.: Да, дефинитивно. Се реанинира, бидејќи на градот му треба ваков фестивал и благодарност до организаторот Мото – клуб „Мечки“ што еве веќе со години одржува ваков фестивал на врвно ниво.

Колку пати имате настапувано?

Јосиф И.: Два – три пати сигурно и плус „Мечки“ организираат и зимски фестивал во локални кафулиња и таму имаме настапувано.

Ќе ми ја кажете сет листата за вечерва?

Јован Х.: Сет листата е доста разновидна, но мислам дека немаме песна постара од 1972. Има, но… Тука се „Deep purple“ со „Stormbringer“, „The Doors“ со „Roadhouse blues“, „Break on through on the other side“…. Само сме во дилема дали да почнеме со „Bullet the blue sky“ од „U2“, или ќе ја свириме „Slither“ од супер бендот „Velvet revolver“. Исто ќе бидат застапени „Led Zeppelin“, „White snake“, Били Ајдол…

Дали Вашите родители ќе дојдат да Ве гледаат?

Јосиф И.: Нормално! Кога се вакви свирки од отворен тип да, а бидејќи во кафулињата одат помлади, не секогаш доаѓаат таму.

Американската група „The Hooten Hallers“ овој пат дојде на оваа сцена и се прошири димензијата. Ќе ве мотивира ли тоа во иднина да направите нешто авторско?

Јосиф И.: Сигурно. Кога веќе сме кај тоа прашање, таму каде што имаме проби кај нашиот член Даме Јовановски, тој има и студио, така што се надевам после ова ќе влетаме малку поентузијастично.

Што сте по професија?

Јосиф И.: Јас работам во шпедиција.

Јован Х.: Јас сум занаетчија водоинсталатер, со тоа се занимавав уште од мои 12 – 13 години кога му помагав на татко ми. Во Германија и во Австрија работев секакви работи, четири години работев во фирмата за кафе „ Неспресо“ во Виена, како продавач.

Ја знаете песната од Евровизија „Еспресо Макијато“, сега е вирална и актуелна.

Јован Х.: Не!

Јосиф И.: Не ја знае ха, ха, ха. Ќе му ја пуштам.

Имаме многу за разговор, меѓутоа оваа прилика ќе ја искористам за уште по едно прашање – Јосиф која ви е омилена рок песна?

Јосиф И.: Моја омилена рок песна? Ајде нека биде „Ace of spades“ од „Motorhead“.

Јован, што велат рокерите најчесто како изрека? 

Јован Х.: Како изрека „Да живееш брзо и да умреш млад“.

Меѓутоа, тоа секако нема да го поддржуваме, тоа секако е само фраза.

Јован Х.: Ха,хан, да фраза, тоа можеби е во друга филозофија,друг концепт за живот …

Јосиф И.: Штом Ози Осборн може да тера 80 години…

Не само Ози, Мик Џегер, а Кит Ричардс уште се качува по дрвја.

Јован Х.: Нели зборуваат дека тие живеат со дрога и со алкохол, но за Мик Џегер никој не знае дека се занимава со филскултура, секој ден вежба по неколку часа. Татко му бил професор по физичко. Тоа го држи него. Некој баланс мора да постои, инаку мислам сите би завршиле како Џенис Џоплин, Џим Морисон и Џими Хендрикс, за жал.

Значи да го смениме тоа „Да се живее брзо“ во „Да се живее долго“. Сега, нема да влегувам во теории на конспирации, но велат дека и тој „Клуб 27“ може е и намерно исцениран за да се направи луѓето да го сменат односот и принципот на живеење, да се живее безбедно. Сепак тие се идоли, да им оддаде почит како уметници, но да бидеме многу поквалитетни во своето живеење.

Јован Х.: Во таа смисла е и името на нашиот бенд, „Overload“, како нешто преоптоварено. Сите сме преоптоварени. За нас секогаш велеа дека сме прегласни и дрски, а ние каде и да настапуваме намерно сакаме тоа да биде гласно, „прљаво“. Не сме класика па сѐ да биде прецизно. Има голема импровизација во нашата музика, но таа импровизација ја правиме да биде правилна и звучна. Има луѓе и постари, помлади кои не се во рокенролот, но некои песни, откако ние ќе ги изведеме, почнуваат да ги слушаат и почнуваат да сакаат таква музика….

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Written by: Алек


БЕСКРАЈНА ЗАБАВА